Телешка Чорба

Sunday, May 26, 2013
0 КОМЕНТАРИ
Како што кажав и во постот Потрага по вкусот уште како дете развив многу предрасуди за храна. Посебно за чорби и манџи. Еден ден моите пријатели Нусрет, Варис и Липо решија да ме однесат на чорба во пивницата на плоштад. Бев изненаден од тоа колку сум пропуштал во животот. Почнав да одам наоколу по ресторани и да пробувам чорби и да наоѓам рецепти се додека не решив и јас да направам една. 

Иначе во животот имам неколку принципи кога станува збор за готвење. Не користам скроб, густин и брашно, ниту па запршки и слични работи за да згуснам јадење. Избегнувам павлаки и слични млечни произвоид така да моето прашање беше како да ја згуснам чорбата без да искористам некој згуснувач. 


4 компири
3 средни моркови
1 телешка коска
300 грама чисто телешко месо (кртина)
1 гранка целер
2 пашканати
1 главичка лук 
1 лимон
10тина нишки шафран (опционално)
4-5 гранчиња ловоров лист
неколку гранчиња магдонос

Во голем лонец ставете 3 литри води и коската од телешко месо. Кога водата ке зоврие намалете на тивко да кркори и оставете ја коската 1 час. Отстранете ја коската од водата и додадете го шафранот за да ја обои водата. Кртината телешко месо засечете го за да може полесно топлината да влезе во него и да го свари како на сликата подоле.


Ставете го месото заедно со пашканатот во лонецот и оставете го поклопен на тивко да се вари отприлика 2 часа односно се додека месото не почне да се распаѓа. Извадете го месото и додадете го компирот и морковот искцкан на ситни коцкички во водата заедно со гранката целер и 4 до 5 ловорови листови. 



Додека компирот и морковот да се варат раздробете го месото со две вилушки на многу ситни парчиња. Одвреме навреме пробајте коцкичка компир, доколку мислите дека компирот е доволно сварен извадете две третини од мешавината од компир и морков и испасирајте ги во блендер. Тоа е тајната на згуснување на чорбата. Откако ке ги испасирате ставете две до три кутлачи од водата во блендерот и пасирајте повторно за да се добие потечна смеса која полесно ќе се врзе со водата во чорбата. Додадете го пасираниот компир со морков назад во чорбата. Исто така вратете го и иситнетото месо а извадете го пашканатот и целерот. 
Додадете две до три супени лажици зејтин и еден грст магдоност, посолете со многу сол и бибер односно по вкус. И варете уште 10 до 15 минути. На крај исцедете сок од половина лимун.

На страна исечкајте многу ситно две поголеми чешниња лук и еден грст листови од магдонос. Ставете ги во еден сад и промешајте ги со две до три супени лажици јаболков или вински оцет и исто толку вода за разблажување.



Послужете ја чорбата заедно со преливот од лук и оцет за закиселување.

0 КОМЕНТАРИ

Моите рецепти и искуства