Јагнешка Тава

Saturday, February 28, 2015
0 КОМЕНТАРИ
Се мислев вчера дугачко што да се руча ама немав некоја посебна желба а да бидам искрен ни воља нешо посебно да праам. Бев да го видам @mufix да му го земам апаратот да сликнам нешо и дур сум кај него викам дај ќе го префрлам до работа да не оди пешки. По пат на враќање се потсетив на еден статус на фејсбук што го прочитав вчера од една жена што бараше добар но поразличен рецепт за јагнешко месо. Нели, зошто празници се ближат. Мавање рачна, вртење колата идам у месара директива. Јанге имате? Имаме. Дај пола. Не дека сум некој фанатик огромен за јагнешко ама ќе се најде. За навака-натака. За празниците што се ближат. А и не е лошо нели да се смени малце. Ми текна одма на еден рецепт од јужна Италија, стар но добар.
Кога станува збор за јагнешкото, познавам два типа на луѓе кај нас. Едни се тие што викаат "Јас јагнешко не јадам ми мириса". Други се тие што викаат "Јас јагнешкото го сакам чисто печено без ништо да ми мириса". Во еден претходен пост напишав рецепт за јагнешко за тие што не сакаат да јадат зошто им мириса но убавината на овој рецепт е во тоа што се добива убаво јагнешко што има задржано голем дел од својот мирис, сочно и не пресушено месо и секако малце турли-тава за прилог.
  • 500 грама јагнешко месо
  • 3-4 средни компири
  • 3-4 средни домати
  • 4-5 моркови
  • 1 поголема галва кромид
  • 1 чешне лук
  • 1 средна китка магдонос
  • 1 лажичка оригано
  • 2 гранчиња рузмарин
Може да користите најразлични делови од јагне. Јас овој рецепт сакам да го правам од исчистени кртини за да е полесно за јадење меѓутоа и по некое ребро со коски не е на одмет за глодање при крајот на ручекот. Исечете го месото на помали парчиња 3-4 сантими во разновидна форма. Излупете го компирот, измијте го и исечете го на скоро иста големина како и јагнешкото. Излупете ги и морковоите. Ако користите поголеми моркови пресечете ги по должина. И додадете ги во огно-отпорна тава за печење во фурна.
Бланширајте ги доматите така што ке ги боцнете неколку пати со врвот од ножат потоа ставете ги во вода што врие неколку минути. Внимателно со вилушка одстранете ги од водата и измијте ги со ладна вода притоа одстранувајки ја нивната лушпа. Исечете ги доматите на поситни парчиња и ставете ги заедно со сопствената течност во еден сад и посипете ги со 3-4 лажици маслинов зејтин. Исечете го кромидот на 2-3 милиметри тркалца разделете ги тркалцата едно од друго и додадете ги на доматите. Делумно одстранете ги гранките од магдоносот и исецкајте го многу ситно (Треба да искочат околу две супени лажици) и додадете го на доматите и кромидот. Исто така и чешнето лук исецкајте го многу ситно и додадете го во садот. Извадете ги игличките од гранките рузмарин така што со два прста нежно стискајки по должината од горниот дел на гранката пролизгајте ги прстите до долниот дел и додадете ги во садот заедно со лажичката оригано.
Промешајте ги убаво состојките во садот и додадете ги во тавата. Посолете така дарежливо и зачинете со бибер. Покријте ја тавата и печете 2 часа на 170 целзиусови степени. Доколку немате капак за тавата што сакате да ја користите може и да ја покриете со алуминиумска фолија убаво подфатена по краевите.

0 КОМЕНТАРИ

Моите рецепти и искуства