Брускети со Шампињони

Thursday, April 11, 2013
1 КОМЕНТАРИ
Фотографија: Ани и Дими
Ми се најдоа низ дома свежи шампињони па ни текна да направиме со @ElenaTrimceska мала пародија на рекламата за Лурпак: "Kitchen odyssey". Ова  е еден доста вкусен рецепт и се наоѓа стално да импресионирате гости онака ко за предјадење.



  • Десетина шампињони
  • 6 половинки стар леб (препорачливо ржан)
  • 2 лажици путер
  • 3 чешниња лук
  • Дваесетина грама пермезан (Parmagiano Reggiano или Grana Padano)
  • Магдонос (или мајчина душичка оди исто така многу добро)


Кога станува збор за печурки на путер имам гледано многу рецепти. Многу од нив ги варат печурките во вино или во вода. Работата е што секогаш кога ги правев така ми искачаа жилави, а нели нема полошо нешто од жилава печурка. Многу луѓе незнаат дека шампињоните може да се јадат и живи. Така да поради тоа што сакав да ја задржам крцкавоста на свежите печурки решив еднаш да пробам да ги пропржам многу кратко на силен оган и искочија многу добри. Втората финта што ми ја покажаа е дека шампињоните никогаш не треба да да се мијат пред да се употребуваат бидејки упиваат вода и после стануваат лигави. Затоа пред пржење убаво избришете ги со салфетка и одстранете ги нечистотиите, НО НИКАКО НЕ ГИ МИЈТЕ СО ВОДА. Трета работа кога станува збор за печурки а ја научив од Џејми Оливер, па после ја потврдија и во филмот Julie & Julia е дека не треба да пренатрупате печурки во тавчето бидејки наместо да ги пржите ке почнат да се варат. Значи во тавчето треба да ставите доволно печурки само да го поклопите дното и да не се допираат една преку друга. Доколку ви требаат повеќе направете на два или три пати. Четвртата финта е исто така од филмот и гласи: "Никогаш не е доволно путер!".

Значи го ставаме путерот на загреано тавче на многу силен оган да се растопи. Кога путерот ке почне да прави меурчиња ги додаваме печурките и ги распоредуваме по дното на тавчето. Ги оставаме две до три минути а потоа ги промешуваме и превртуваме. Ситно се сецкаат 2 чешниња лук и се додаваат. Се посолува по желба и се остава повторно да пропржи уште две до три минути. Промешајте повторно и одстранете ги печурките од оган.

Доколку користите мајчина душичка ви препорачувам да ја ставите заедно со лукот. А доколку користите магдонос за декорација исецкајте го ситно и ставете го на крај на пржењето кога ке ги тргнете печурките од оган.

Испечете ги лепчињата во скокачки тостер и а потоа избрусете ги со третото чешне лук но само од една страна. Наредете еден ред од печурките на лепчињата а потоа лепчињата вратете ги во тавчето и измацајте ги убаво во путерот што е останат на дното од тавчето. Тоа ќе му даде екстра вкус на крцкавото лепче.

На крај изрендајте малку пермезан одозгора и малку свежо кршен бибер. Дококлу имате мешан бибер ке даде многу подобар вкус одколку црниот.

На истио начин имам правено и некои други комбинации. На пример омлетот со печурки каде на крај на пржењето додадов две изматени јајца со малку млеко во нив. А потоа нарендав пермезан и свежи листови босилок.
Исто добра комбинација е и да ги послужите како странично јадење без лепце. Во тој случај може да додадете многу малку млеко или павлака за готвење во последната минута од пржењето да се напрај како мал сос од печурки.

1 КОМЕНТАРИ

печурки на путер... мммммм...

Моите рецепти и искуства