Домашни Равиоли со рикота и спанаќ

Thursday, March 21, 2013
0 КОМЕНТАРИ

3 чаши (за кафе) - Брашно "tipo 00" за тестенини (го има во Рамстор може и бело ако не најдете)
2 чаши (за кафе)- Рикота (несолена урда ја има на сите пазари на тезгите кај што продаваат сирење)
50 грама - рендан пермезан Parmigiano Reggiano или Grana Padano никако од оној ренданиот шо викаат дека е пермезан
1 морско оревче
3 јајца
300–400 грама - Спанаќ

Ставете 2 чаши од брашното на работна маса и вдлабнете го во средина. Додадете две јајца, прстофат сол и со вилушка разматете ги јајцата но не го растурајте брашното (горе лево на сликата). Кога јајцате ќе бидат разматени продолжете да матите но пополека потфаќајте малце од брашното и мешајте го со јајцата и кога веќе ќе се згусне јајцето време да си ги извалкате рацете. Целото брашно скупчете го и почнете да месите. Месете го се додека не добиете убаво и нежно тесто како свила.

На машинка за правње јуфки на најдебело подесување пројдете го тестото два три пати, потоа почнете да ја намалувате дебелината по еден степен се додека не дојдете до најтенкото подесување. При стенчувањето внимавајте цело време корите да се наросени со брашно за да не се лепат на машинката ниту на работната површина. Треба да добиете одприлика 4 кори по половина метар долги широки околу 20тина сантиметри (слика горе десно). Засечете ги корите по ширина на секој 10 сантими како на сликата доле лево.

За филот сварете ги листовите од спанаќот во вода додека не смекне, потоа исцедете ги и ситно исечкајте ги. Во еден сад додадете ја рикотата, спанаќот, пермезанот, пола лажичка ситно рендано морско оревче и едно јајце и мешајте додека не се соедини.

Поставете ги корите на работна површина и внимавајте да се добро напрашени со брашно за да не се залепат. Почнете да го редите филот како на сликата доле лево, не насредина туку на едната страна од лентата оставајки 1 сантим по краевите за да се залепи равиолата кога ќе ја преколопиме. Кога ќе го наредите филот земете една чаша со вода, брцнете еден прст во водата а потоа со влажниот прст пројдете по ивиците каде што равиолата треба да се залепи. Кога ќе ги навлажните сите ивици почнете да ги преклопувате равиолите но внимавајте да не заробите воздух внатре во нив. Притиснете ги убаво и запрашете ги со многу малку брашно колку да не се лепат. Доколку имате цик-цак нож може да ги засечете ивиците за да добијат поинтересна форма.

Равиолите се варат во тенџере со вода со една шака сол кога водата ке зоврие. Кога ќе ги ставате ставајте ги една по една и не го преполнувајте тенџерето (не повеќе од 4 наеднаш). Кога ќе ги ставите во вода тие ќе потонат и по 1 до 2 минути ќе се качат на површина. Тоа значи дека се готови и може да ги извадиме.

Во наредните постови ќе постирам два соса за овие равиоли, едниот со Песто Џеновезе, другиот со Жалфија.


0 КОМЕНТАРИ

Моите рецепти и искуства